Роналдо и Меси заедно, е тоа би бил спектакл

Лионел Меси и Кристијано Роналдо во ист тим. Можно ли е двете најсјајни ѕвезди на фудбалското небо да направат соѕвездие како соиграчи во зенитот на блескавите кариери.

Ќе им се спојат ли фудбалските патишта во последната фаза од богатите играчки кариери? Зошто да не, но прашање е кој може да го плати тоа? Секако, би било спектакуларно да се гледаат двајцата најдобри активни играчи кои доминираат цела деценија и повеќе сменувајќи се на тронот и на индивидуален и на клупски план.

Варијанти има многу, а сепак сè се сведува на момент да намигне некој од шеиците, можеби и Кинезите, или богатите мултинационални компании за да го најдат интересот и да ги спојат ЦР7 и Лео.

Товарот ќе биде голем платите, им се енормни, но спектаклот би бил единствен. Можеби е неостварливо, ама вака од неутрален аспект би било за историја и за долго паметење.

КОРОНА-СЕЗОНАТА ДОНЕСЕ ЛУПИНГ НА ФАВОРИТИТЕ ШТО НЕ СЕ ПАМЕТИ

Чудната сезона во која доминира пандемијата со ковид-19 некако и се истурка, но секако ќе биде уникатна по многу параметри.

Фаворитите паѓаа како крушки, дел од падот на големите империи дури беше и тешко да се гледа, а 8:2 на Баерн против Барселона ќе се прераскажува уште долго во годините што доаѓаат.

Германците беа мудри, одлучија да ризикуваат со камбек на терените, кога никој не сакаше и сега си ги берат плодовите на новиот генијален план.

Играчите на Баерн и Лајпциг имаа време за одмор и ги прегазија своите ривали на патот до полуфиналето. Беше необично да се гледа големиот Меси и ѕвездите на Барселона тотално немоќни, понижени, инфериорни како никогаш досега. Веројатно и отсега. Осум гола се чудо, можеа да бидат и повеќе во мрежата на Тер Штеген, а таква надмоќ во меч од завршница во Лигата на шампионите каква што презентираше најсилната германска клупска машинерија Баерн во Лисабон досега не е видена.

Кој го следи Лајпциг, само ќе потврди дека Германците се број 1 во Европа во моментов, а Атлетико е веројатно и најтешкиот фудбалски бедем за пробивање во европските купови. И тие паднаа како крушки пред растрчаните Бикови. И што е најимпозатно кај германските тимови, тука немате кукање, овој нема да игра, Вернер не е тука, жешко е, ладно е, не ни се погоди теренот.

Има само газење, и тоа без милост, со полна сила, до крај. Да не ве чуди и скапиот проект на ПСЖ со Нејмар, Мбапе и дузина други фудбалски ѕвезди да се урнe како кула од карти пред налетот на бесните бикови од Лајпциг утре на „Луж“, во првото полуфинале од 21 часот.

ЗАРИБАА МОЌНИ ФУДБАЛСКИ ИМПЕРИИ

Баерн очекувано е во полуфиналето, сега како прв фаворит, но останатите империи зарибаа некаде на патот на чудната сезона во Лигата на шампионите.

Ги нема веќе во игра Манчестер сити, Јувентус, тажната приказна на Барса веќе ја спомнавме, испадна и големиот ривал Реал Мадрид.

Се пишува историја за првпат без англиски, шпански и италијански тимови во полуфиналето на раскошното натпреварување.

Луксуз беше да се типува дека за првпат во полуфиналето ќе има две француски екипи и дека сефте ќе гледаме германско-француски пресметки за пробив во финалето.

Во првиот обид ни се допадна новиот и принуден формат со фајнал-ејт на неутрален терен со нокаут-мечеви без право на поправен.

И реална на вашиот селектор му се допадна, само уште фали декор со публика да грмне песна од трибините, да се слават победите, па ако сакате, и да се тажат поразите заедно со навивачите.

Се останато е топ, ваквиот систем им нуди шанса и на условно помалите екипи, што на свој начин го потврдија и Лион и Лајпциг, па и Аталанта, а уште повеќе ги потврдија елиминациите на големците Ливерпул, Јувентус, Барселона, Манчестер сити, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид.

Останува да го испратиме финишот, да уживаме во полуфиналињата и финалето што ќе ни го донесе новиот европски првак и можеби и дебитантот со најпосакуваната клупска круна на Стариот Континент.

Баерн ја брани честа на екипите што веќе имаат пехар во колекцијата од Лигата на шампионите, а трилингот ПСЖ, Лајпциг и Лион играат за клупска историја и прв триумф во најскапото фудбалско натпреварување.

 

 

- Оглас -

Најнови вести