Вечерашното полуфинале од фудбалската Лига на шампионите носи дуел меѓу ПСЖ и Лајпциг, два клуба кои не се баш популарни во Франција и Германија, освен кај нивните фанови. Играат клубовите на богаташите од Катар против компанијата за енергетски пијалок Ред Бул. Полуфинале на 21. век.
За Лајпциг хендикеп е и што е од источна Германија, па не е баш популарен на западот од земјата која долго беше поделена. Ниту еден Германец нема да навива вечерва за Лајпциг, ако не е фан на овој клуб.
Во сите анкети во Германија, најомразен клуб е Лајпциг, кој е формиран само пред 11 години со парите на компанијата „Ред Бул“, предводена од австрискиот богаташ Дитрих Матешиц. Од 2009, кога тргнаа од петтата лига, во 2016 година стигнаа до Бундеслигата и веднаш станаа вицешампиони, а сега се полуфиналисти во ЛШ. За нивните играчи се интересираат помоќни клубови, па првиот стрелец Тимо Вернер веќе замина во Челзи за 50 милиони.
Бразилецот Нејмар заигра професионален фудбал два месеци пред Лајпциг да биде формиран. За Нејмар беа платени дури 222 милиони евра, а целата сегашна екипа на Лајпциг е проценета на 165,7 милиони евра, но по овие игри во ЛШ, таа сума веројатно ќе биде поголема.
И ПСЖ не е баш популарен ако не сте од Париз. Разликата е што овој клуб е далеку постар од Лајпциг, има титули и некои европски успеси, но и нив ги нарекуваат „вештачки“ откако раководењето со клубот во 2011 година го презедоа Катарците. Пред да бидат купени од Катарците, ПСЖ во претходните шест сезони беше шести или подолу на табелата во Франција. После тоа, четврто место, па второ, па седум титули во осум сезони.
Шеикот вложи премногу пари, направен е и најскапиот трансфер во историјата со купувањето на Нејмар. Прашање е дали освојувањето на ЛШ би ги оправдало сите тие пари кои беа потрошени во последната деценија.
Ако некој од овие два клуба ја освои ЛШ, тоа нема да биде триумф на фудбалот, туку на амбициите на богаташите на кои главните мотиви на прво место не им се фудбалски и спортски.