Женскиот тенис е чудо, Пиронкова три години немаше фатено рекет, а сега гази на Отвореното првенство на САД

Бугарската тенисерка Цветана Пиронкова е најголемо изненадување на досегашниот дел од Отвореното првенство на САД откако во второто коло со 7-5, 6-3 ја победи Гарбине Мугуруза. Пиронкова игра првпат на еден професионален турнир по пауза дури од три години, ја нема на ВТА-листата. Во 2018 година таа роди син и реши да го остави тенисот на некое време, а сега се врати и игра како воопшто да немала пауза.

Пиронкова пред десет години беше полуфиналистка на Вимблдон, а на истиот гренслем во 2017 испадна во првото коло, по што почна нејзината предолга пауза. Имаше хронична повреда на рамото, а во декември 2017 објави дека е трудна. Кога се породи во април 2018, се чинеше дека нејзината тениска кариера е готова, таа се врати и воодушевува.

Во третото коло, Бугарката која наскоро ќе наполни 33 години, ќе игра против Дона Векиќ и нема намера да се предаде.

„Мојата победа над Мугуруза не е чудо, и порано сум победувала девојки од топ-10. Нема причина на кого било да му се предадам однапред“, најавува Цвети.

Кај мажите, Енди Мареј го заврши учеството на Отвореното првенство на САД по две кола, откако ноќеска претрпе пораз со убедливи 0-3 (2-6, 3-6, 4-6) во сетови од Феликс Ожер-Алијасим. Поранешниот прв светски рекет не можеше да му парира на 21-виот рангиран тенисер според АТП-листата и за малку повеќе од два часа го загуби дуелот.

- Оглас -

Најнови вести