Динамо Загреб игра страшно добро на трансфер-пазарот во Европа, а најновата продажба на 18-годишниот дефанзивец Јошко Гвардиол во Лајпциг е само потврда за одличната работа на тимот од Максимир.
Динамо веќе го продаде 18-годишниот талент, се чека само промоција и официјална потврда на трансферот вреден 16 милиони евра, а популарните Модри од Загреб успеаја да издејствуваат Јошко да остане уште некој период во клубот и да игра за нив, а Лајпциг да го плаќа.
Германците се согласија за секој меч во ХНЛ-лигата на кој Гвардиол ќе игра најмалку едно полувреме да му платат на Динамо сума од 70 илјади евра. За секој европски меч, цената расте и Лајпциг ќе префрла по 100 илјади евра на контото на Динамо, но Германците имаат право да го повлечат Гвардиол во своите редови следната зима или идното лето.
Ако Гвардиол ги одигра сите мечеви во хрватското првенство до крајот на сезоната и Динамо се пласира во фазата по групи во Лигата на Европа, тогаш Модрите ќе инкасираат дополнителни 2,8 милиони евра на основните 16 милиони евра, колку што изнесува трансферот на Гвардиол за петгодишниот договор што е веќе подготвен за 18-годишниот хрватски талент во Лајпциг.