Иконата на Јунајтед и на Гордиот Албион боледува од деменција

Сер Боби Чарлтон, легендата на Манчестер јунајтед и поранешен светски првак, боледува од деменција, потврди неговата сопруга Норма во разговор со англиските медиуми. На еден од најдобрите фудбалери во историјата на англискиот фудбал, на 83 години му е дијагностицирана опасната болест.

„Со голема тага ја прифативме веста за страшната болест која го погоди Сер Боби Чарлтон. Продолжуваме да му пружаме поддршка нему и на неговото семејство“, се огласија од таборот на Манчестер јунајтед.

Чарлтон заслужено доби статус на легенда на „Олд трафорд“ бранејќи ги боите на Црвените ѓаволи од 1956 до 1973 година, период во кој запиша 758 натпревари и постигна 249 погодоци, а освои три титули во Англија, ФА купот и тогашниот Куп на шампионите. Како најдобар стрелец на Мундијалот во 1966 година, Чарлтон ја предводеше Англија до единствениот светски пехар во нивната историја.

Играше уште за Престон норт енд, Вотерфорд, Њукасл, Перт и Блектаун.

- Оглас -

Најнови вести