Ниту лисабонски Орли не го спречија походот на Ренџерите на Џерард

Глазгов ренџерс во своето прво гостување на „Да Луж“ во клупската историја ремизираше против Бенфика со 3-3, па екипата на Стивен Џерард ја одржа во живот неверојатната серија од сега веќе 18 меча без пораз во сите натпреварувања.

Импресивната низа на Ренџерите трае веќе три месеци, поточно од поразот од Баер Леверкузен со 0-1 во ланската осминафинална рунда во Лигата на Европа. За шкотскиот вицепрвак ова е само трето реми во серијата, останатите се 15 победи, што во шкотското првенство, што во второто по ранг елитно континентално натпреварување.

Иако Бенфика со автоголот на Голдсон во втората минута поведе на средбата, црвениот картон на Отаменди ги осакати домаќините, па до 51-вата минута се најдоа во два гола негатива. За Ренџерс до тој момент погодуваа Камара и Морелос, а израмнија со автогол на Гонкалвес.

Тимот од Глазгов беше блиску да ја запише 16-тата победа во споменатата серија, но Бенфика ја спасија Силва и Нуњес, со погодоците во 77-мата и првата минута од судиското надополнување.

- Оглас -

Најнови вести