До неодамна ни зборуваа дека сме најдобри, а сега само критикуваат

Манчестер јунајтед се наоѓа во незавидно лоша ситуација по првите неколку кола во Премиер лигата. Црвените ѓаволи моментно се на 15-тото место на табелата со само седум бода од шест меча. Капак на лошите резултати беше и неочекуваниот пораз во Лигата на шампиони на гости кај Башакшехир.

За разлика од поразот во Турција, Манчестер во првите две кола од ЛШ играше одлично и го победи ПСЖ во Париз, а потоа со 5:0 го растури Лајпциг. Тренерот Оле Гунар Солскјер е под притисок дека мора да победува, а следен предизвик е гостувањето кај Евертон.

„Ако јас не верувам во квалитетите на мојот тим и во мојот стручен штаб, кој ќе верува? Нема да се распаднам како кула од карти поради два лоши резултати. Точно е дека тоа е чекор назад, но се прави премногу бука поради тоа што не дадовме гол против Арсенал и Челзи. До неодамна велеа дека сме најдобри затоа што ги победивме ПСЖ и Лајпциг. Во Јунајтед станав маж и научив како да се справам како со позитивните, така и со негативните резултати. Најдобар си кога победуваш, а најлош кога губиш“, вели Солскјер.

Манчестер јунајтед утре ќе гостува кај Евертон, тим кој започна со четири победи, а потоа освои само еден бод во последните три дуели.

 

- Оглас -

Најнови вести