Направи чудесен пресврт за победа на Манчестер, но Кавани доби и критики од Солскјер

Едно полувреме му беше доволно на Единсон Кавани да го покаже целиот свој квалитет и да блесне на гостувањето кај Саутхемптон за победа на Манчестер јунајтед од 3:2. Кавани во игра влезе на почетокот на вториот дел, кога Манчестер беше во негатива од два гола. На крајот, Црвените ѓаволи победија со 3:2, и тоа најмногу благодарение токму на уругвајскиот репрезентативец.

Кавани прво асистираше за погодокот на Фернандес, а потоа со два гола со глава донесе целосен пресврт. Погодокот за победа го даде во судиското надополнување. Иако беше херој на мечот, Кавани доби забелешки од тренерот Оле Гунар Солскјер, и тоа поради односот на фудбалерот во моментите кога требаше да влезе во игра. Уругваецот едноставно не беше подготвен за веднаш да истрча на теренот, па второто полувреме започна без него.

„Очигледно не беше подготвен за да влезе во игра. Кога му реков дека треба да влезе, сфати дека копачките кои ги носи не му одговараат за на терен, па мораше да ги менува. Едноставно, играчите во секој момент мора да бидат подготвени за да влезат во игра. Јас тоа најдобро го знам“, рече Солскјер со насмевка на лицето. Токму Солскјер беше познат како играч „џокер од клупата“ на Сер Алекс Фергусон и секогаш бил подготвен да влезе на теренот, што сега не може да се каже тоа и за Кавани.

https://youtu.be/LSY8qIh-9vo

Пожесток во критиките кон Кавани беше Рој Кин, легендата на Манчестер.

„Очигледно дека беше преспор и неподготвен за да влезе во игра. На крајот излезе дека копачките воопшто не му ни требаа. Даде два гола со глава. Добро е што успеа да направи пресврт во резултатот, но едноставно ми е несфатливо како може да е толку неподготвен“, беа критиките на Кин наменети за Кавани.

Целата ситуација од моментот кога Кавани требаше да влезе во игра може да ја видите ТУКА.

 

- Оглас -

Најнови вести