Раниери уште слуша фудбалски совети од својата 99-годишна мајка?

Со доаѓањето на Клаудио Раниери на клупата на Фулам, лондонскиот премиерлигаш доби еден голем навивач. Тоа е Рената Раниери, мајката на италијанскиот стратег. Баба Рената има 99 години, но уште се интересира за фудбалот и постојано ја следи работата на нејзиниот 67-годишен син.

Клаудио се подготвува за дебитантскиот меч како тренер на Фулам, и тоа против Саутхемптон на „Крејвен котиџ“. Стратегот откри дека премногу се занимавал со тактиката за мечот, што дури заборавил да ѝ се јави на мајка му.

„Мајка ми ме бараше, но заборавив да ѝ се јавам. Таа е голем фудбалски навивач и постојано ги следи мечевите на тимот во кој работам“, откри Раниери, кој потоа додаде. „Таа сака и активно да биде вклучена во мојата работа. Додека бев тренер на Челзи, по еден меч дојде и ме праша зошто не сум го ставил Демијан Даф на теренот. Постојано прашуваше зошто тој играч не игра. Затоа сега во Фулам ќе мора внимателно да ја направам тактиката и составот“, рече низ шега Раниери.

Италијанскиот стратег ќе има тешка задача да го спаси Фулам од испаѓање. По досегашните 12 одиграни меча, лондонскиот тим е на дното на табелата само со пет бода, но интересно е дека со евентуална победа против Саутхемптон, може да скокне и во сигурната зона.

 

- Оглас -

Најнови вести