Колумбус блу џекетс славеше на гостувањето кај Детроит со 7:5 во најинтересниот и најефикасен меч во хокеарската НХЛ-лига одигран рано утрово.
„Сините јакни“ ја добија првата третина со убедливи 3-0, подоцна поведоа и со 5-1, но потоа и „црвените крила“ заиграа поефикасно, дојдоа до 5-6, напаѓаа со сите сили и со играч плус без голман, но на 91 секунда до крајот, гостите постигнаа гол во празната мрежа на Детроит и дефинитвно го одлучија победникот.
Детроит е во криза, има три порази по ред, а Џон Торторела од Колумбус стана американски тренер со најмногу победи во НХЛ. Ниту еден друг тренер роден во САД нема 589 победи.
Во добра форма е Вашингтон капиталс, кој има серија од шест победи по ред. Интересно беше и на дуелот меѓу Флорида и Њу Џерси. Домашните победија по продолжение, со гол кој падна на 1,28 минути по почетокот на екстра периодот. Мајк Хофман најпрвин имаше статива, а 25 секунди подоцна даде гол за победа.
РЕЗУЛТАТИ: Флорида – Њу Џерси 4:3, Њујорк ајландерс – Вашингтон 1:4, Њујорк ренџерс – Отава 4:2, Торонто – Бостон 4:2, Детроит – Колумбус 5:7.