Градоначалникот на градот Валјадолид, Оскар Пуенте, беше гневен по завршување на синоќешниот дуел од шпанското првенство на „Камп ноу“. Барселона минимално со 1:0 го победи Валјадолид, и тоа со гол постигнат во 90-тата минута. Дембеле погоди за голема радост на домаќините, кои сега се само на еден бод од лидерот Атлетико Мадрид.
Според Пуенте, Валјадолид не заслужи да загуби на гостувањето кај големиот фаворит, а главниот судија едноставно како да навивал да победи Барселона. Градоначалникот на Валјадолид потенцираше дека во второто полувреме не бил досуден пенал за гостите, а потоа престрого беше даден и црвен картон на еден од гостинските фудбалери.
„Кражбата е очигледна, ова е невиден срам. По мечот, судијата требаше да влезе во соблекувалната на Барселона и да ги кара затоа што малку фалеше да не победат. Никако не можам да поверувам дека не беше досуден пенал за нас по играњето на Алба со рака. Тоа не е одлука која мора да се донесе во дел од секундата. Сега има ВАР-систем, четири телевизори на кои убаво може да се види секоја ситуација“, вели Оскар Пуенте.
Валјадолид е клуб каде што доминантен сопственик е некогашниот фудбалер на Барселона, но и на Реал Мадрид, Бразилецот Роналдо. Спорната ситуација кога судијата не досуди пенал за гостите може да ја видите ТУКА.