Пандев: Прво да ја спасиме Џенова, да одам на ЕП, па ќе видиме околу пензијата

Горан Пандев стигна до јубилејот кој го чекаше во Серија А, 100 погодоци во елитата од италијанскиот фудбал, а јубилејот го прослави како двоен стрелец во ремито меѓу Џенова и Беневенто од 2-2. За популарниот Гоче тоа беа петти и шести погодок сезонава, ги постигна само за 10 минути, со кои ѝ обезбеди на Џенова значаен бод во битката за опстанок.

По мечот, Пандев истакна дека прекрасно е чувството да се праслават 100 јубилејни погодоци, но поважно му е што придонесува за екипата да го задржи прволигашкиот статус, а се наврати и на евентуалното пензионирање по крајот на оваа сезона.

„Убав е бројот 100 гола во Италија. Не сум класичен напаѓач кој постигнува многу многу погодоци, често играв и по крилните позиции. Но, поважно е што освоивме бод кој ни е важен да ја оствариме целта. Уште немаме обезбедено опстанок, во сабота продолжуваме со нашата битка“, посочи Пандев за италијанските медиуми и додаде:

„Прво да ја спасиме Џенова, да одам на ЕП со Македонија, па дури потоа ќе размислувам околу пензијата. Ќе се сретнам со управата на клубот и ќе разговараме на оваа тема“, вели Пандев.

Нашиот капитен воедно искористи да му честита на Антонио Конте и неговиот Интер, кој сигурно чекори кон Скудетото.

„Секако дека уште го следам Интер. Му честитам на Конте за работата, се надевам дека ова е добра сезона конечно да ја освојат титулата“, изјави поранешниот офанзивец на Нераѕурите.

- Оглас -

Најнови вести