Еурофарм Пелистер рутински го декласира Бутел со 38:23 во второто куп-полуфинале на Македонија и си закажа дуел за пехарот против вечниот ривал Вардар.
За титулата ќе играат двата големи ривали во сабота, а и Вардар и Пелистер немаа многу мака со противниците, Металург, односно Бутел.
Најтрофејниот наш тим со 13 куп-титули, Вардар во првото полуфинале го победи Металург со 27:22, а во вториот меч битолчани беа уште поубедливи против Бутел и славеа со двоцифрена разлика.
Еурофарм Пелистер се чини ги разреши сите дилеми околу победникот и вториот патник во финалето уште по првиот дел. Го добија со 16:9, а потоа разликата постојано растеше.
Пелистерци стасаа и до 15 гола разлика во финишот на мечот, кога поведоа со 35:20, па рутински си обезбедија финален меч за трофејот.
Маџоски беше најефикасен на мечот со 7 гола, а Мандалиниќ и Периќ постигнаа по 6 за победничката екипа. Трипковиќ и Младеновски постигнаа по 4 гола, најмногу во таборот на Бутел.