Вардар се пласираше во финалето на Купот

Вардар се пласираше во финалето на ракометниот Куп на Македонија, откако во полуфиналето го победи Металург со 27:22 (14:12). Скопското дерби беше интересно само во првото полувреме, во кое двете екипи имаа свои добри моменти.

Вардар поведе со 8:3, но потоа Металург со серија од 7:1 стигна до водство од 10:9. Во завршницата на првите 30 минути Црвено-црните сепак успеаа да се вратат во водство и на полувреме Вардар замина со предност од 14:12.

Стартот на вториот дел беше со целосна доминација на вардарци. Со фуриозна игра во првите шест минути, Вардар направи серија од 5:0 и поведе со 19:12 во 36 минута. Предноста од седум гола беше највисока за Вардар, а фаворитот во продолжение на мечот со сигурна игра не дозволи изненадување.

Во последните 10 минути тимот на Стефче Алушовски влезе со предност од 24:19 и со рутинска игра се пласираше во финалето, а Металург ја загуби шансата да го брани тронот од пред две години. За Вардар ова е 21-во учество во финалето, а ќе се бори за 14-тиот пехар.

Иван Чупиќ беше прв стрелец кај Вардар и воопшто на мечот со седум гола, а по шест погодоци кај победничкиот тим дадоа Јотиќ и Дисингер. Кај Металург најпрецизни беа Калуѓеровиќ и Серафимов со по шест погодоци.

Во второто полуфинале вечерва од 19 часот ќе играат Бутел и Еурофарм Пелистер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести