Македонскиот репрезентативец Енис Барди може да се пресели во англиската Премиер лига. Според пишувањата на Островот, Њукасл е заинтересиран за доведување на Барди. Тимот каде што на клупата седи легендарниот Рафаел Бенитес, е во потрага по квалитетен играч од средниот ред, па фокусот е ставен на Барди.
По досегашните 14 кола, Њукасл има освоено 12 бодови и е на 15-тото место на табелата, само со три бода повеќе од Саутхемптон, кој е во зоната за испаѓање. Токму поради ова, Њукасл сака да ги засили своите редови во јануарскиот преоден рок. Барди ја игра втората сезона во Леванте, а коментарите се дека македонскиот репрезентативец одлично се снаоѓа во Шпанија.
Минатата сезона Барди одигра 26 меча за Леванте и даде девет погодоци. Посебно фансцинираше со прекрасните голови постигнати од слободен удар. И сезонава Барди игра одлично, па затоа Њукасл тргна во офанзива за доведување на играчот кој има договор со Леванте до јуни 2022 година.
Барди и Леванте вечерва се фокусирани на мечот против Атлетик Билбао, со кој се комплетира 14-тото коло во Примера дивисион.