Капитенот Лука Модриќ ги разбуди светските вицепрваци и со гол и асистенција до Иван Перишиќ е најзаслужен за победата на Хрватска против Шкотска со 3:1.
Со тој резултат, Хрватите го освоија второто место во Д групата со 4 бода, зад Англија, која е победник во групата со 7 бода по победата од 1:0 против Чешка.
Од оваа група испадна само Шкотска со еден бод, а понатаму одат и Англија, Хрватска и Чешка.
Во нокаут-меч на „Хемпден парк“, Хрватска успеа во многу важен меч за првпат да ја победи Шкотска во шестиот меѓусебен меч. Никола Влашиќ со прецизен удар во 17-тата минута им донесе предност на светските вицепрваци.
Потоа следуваше ерупција во Глазгов откако во 42-рата минута Мекрегор успеа да израмни со првиот гол за Шкотска на ова Европско првенство.
Сепак, Хрватите во вистински момент покажаа дека се меѓу најдобрите европски репрезентации и со два гола во второто полувреме ја победија Шкотска со 3:1.
Еврогол во 62-рата минута постигна Модриќ, а потоа и му асистираше на Перишиќ за печат на триумфот во 77-мата минута.
Во исто време вечерва од 21 часот се играше и дуелот меѓу Англија и Чешка на „Вембли“, а победи Гордиот Албион со 1:0, со голот на Рахим Стерлинг во 12-тата минута.