Италија ќе игра во финалето на Европското првенство откако во возбудлив меч по пенал-рулетот со 4:2 ја победи Шпанија во првото полуфинале.
На 13 јули на „Вембли“, Аѕурите ќе играат со победникот од утрешното второ полуфинале меѓу Данска и Англија, што ќе се игра од 21 часот.
Унаи Симон му го одбрани првиот удар во пенал-серијата на Мануел Локатели, а потоа Дани Олмо промаши за Шпанија. Прв погоди Андреа Белоти и Италија поведе со 1:0.
Прецизен беше и Џерард Морено за 1:1, а серијата погодоци продолжи по одличните удари на Леонардо Бонучи и на Тијаго Алкантара за 2:2.
Федерико Бернардески беше прецизен на стартот од четвртата серија, а неговиот соиграч од Јувентус, Алваро Мората, не успеа да го совлада Донарума.
Пласманот на Италија во финалето го донесе Жоржињо со погоден последен пенал за Аѕурите, кои ќе играат со Данска или Англија на 13 јули во меч за титулата на ЕП.
Комплетната пенал-серија можете да ја погледнете ОВДЕ.
Во регуларниот дел, офанзивците на Јувентус, Федерико Кјеза и Алваро Мората, погодија на спротивните страни во ситуација кога играат еден против друг, а Италија и Шпанија не постигнаа гол во продолженијата, па по ремито 1:1 на „Вембли“, се шутираа пенали, по кои Аѕурите се пласираа во финалето на ЕП.
Кјеза го постигна вториот гол на ЕП за Италија откако во 60-тата минута реагираше мајсторски и со убав удар им донесе предност од 1:0 на Аѕурите.
Мората не беше стартер кај Шпанците, влезе во игра во 70-тата минута на местото на Ојарзабал и десет минути подоцна со третиот гол на првенството израмни на 1:1.
Шпанија постави рекорд на Европските првенства со три меча по ред на кои играа продолженија, а на два од нив шутираа и пенали.
Најпрво во осминафиналето по дополнителните 30 минути ја елиминираа Хрватска со 5:3, откако во регуларниот дел беше 3:3.
Потоа во четвртфиналето на пенали беа подобри од Швајцарија, а вечерва загубија од Италија во рулетот од белата точка и на меч на кој поставија уникатен рекорд на првенствата.