Англичаните се бесни на УЕФА, откако многу од нив не успеаја да купат билети он-лајн преку сајтот на европската куќа на фудбалот, кој откажа и не функционираше долго време.
„Чекавме со саати да почне да функционира он-лајн продажбата на билети на УЕФА и за жал не дочекавме. Ваков аматеризам на УЕФА е невиден, срамота е што загубивме време со нервоза и не успеавме да купиме билети за финалето на ЕП“, критикуваат Англичаните на социјалните мрежи.
Платформата на УЕФА за продажба на билети падна во незгодно време, а ова не е првпат да киксне најбогатата спортска федерација во Европа.
Најефтините билети се продаваа по цена од 50 фунти, но поради блокираната он-лај продажба многумина останаа без можност утре да бидат на „Вембли“ од 21 часот и да го гледаат финалето меѓу Италија и Англија.
Објавено е дека цената на влезниците достигна и баснословни суми на дел од интернет платформите што продаваат билети за разни настани.
На познатиот Ибеј „еBay“ најскапата цена за два билети достигна сума од неверојатни 15 илјади фунти, иако најскапите влезници што можеа да се купат преку платформата на УЕФА имаа цена од 800 фунти.