Во ЛШ може да се случи најтрофејна група во историјата со клубови кои заедно имаат 30 европски титули

По завршување на синоќешните дуели од плејоф-квалификациите за Лигата на шампионите, познати се сите 32 клуба кои ќе бидат дел од елитното натпреварување на УЕФА. Во 18 часот е ждрепката, по која ќе бидат познати сите осум групи со по четири екипи. Клубовите се распределени во четири шешири, а според направениот распоред, можно е да се случи да ја има најтрофејната група во историјата на ова натпреварување.

За да се случи историската, најтрофејна група, од првиот шешир треба да биде извлечен најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен, кој може да се пофали со шест европски пехари. Од вториот шешир нема дилеми дека тука најтрофејниот е Реал Мадрид со 13 трофеи во ЛШ и КЕШ. Од третиот шешир најтрофеен е Ајакс, кој четири пати бил на европскиот трон, додека од последниот, четврти шешир местото е загарантирано за Милан. Росонерите имаат седум европски титули.

Бидејќи сите четири клуба се од различни земји, можно е да се случи оваа група да биде формирана со клубови коишто вкупно имаат неверојатни 30 европски титули. Во историјата на елитното натпреварување никогаш не се случило да има група во која клубовите зад себе имаат вкупно 30 трофеи.

 

- Оглас -

Најнови вести