Гевгелиското дерби за Блокотехна, Гостивар со 118 поени го потопи Пелистер

Блокотехна го совлада Кожув со 76:64 во гевгелиското дерби кое се одигра во рамките од деветтото коло во Првата лига на Македонија. Избраниците на Марјан Илиески уште од стартот на средбата ја презедоа контролата, чувајќи ја предноста до самиот финиш. Со осмиот овосезонски триумф, Блокотехна остана на врвот на табелата со 17 бода, два повеќе од шампионот Работнички.

Младеновиќ одигра одличен меч, реализираше 17 поени, а му недостасуваа еден скок и една асистенција да оствари трип-дабл учинок. Мијатовиќ додаде 15 поени и осум скока. Луис беше најефикасен кај поразените со 21 поени, 19 додаде Караколев.

Гостивар го растури тимот на Пелистер со конечни 118:60. Гостиварци фатија залет во шампионатот, нанижаа пет победи, а веќе втор пат сезонава ја надминуваат границата од 100 поени на еден меч.  Домаќините ја завршија работата веќе по првите две четвртини, по кои имаа предност од +15, но, во третиот период ја покажаа вистинската моќ, реализирајќи дури 39 поени.

Фурстингер одново беше најефикасен за својата екипа, постигна 27 поени и седум скока, Зекири додаде 19 поени и девет скока. За битолчани, најрасположен беше Билер со 22 поени.

Фени Индустри го изненади Куманово пред нивна публика, совладувајќи ги со 86:74. Втората четвртина ја направи разликата на оваа средба, која припадна на тимот од Кавадарци со 28-21. Од тој момент Фени ја задржа предноста до самиот крај.

Фунденбург заврши со високи 28 поени за Фени, а имаше голема помош од Маер кој реализираше 26 поени, оствари и дабл-дабл учинок со 12 скока. Ниту 27 поени на Џекиќ не беа доволни за Куманово да го избегне четвртиот пораз сезонава.

Охрид триумфираше над Вардар со конечни 83:80. За домаќините ова беше само втора победа сезонава, откако претходно беа во црна серија од шест последователни порази. Хил беше најефикасен и најзаслужен за славјето на Охрид, постина 24 поени и 11 скока. Провел кај Вардар беше најрасположен со 21 поени, Радос постигна еден помалку.

- Оглас -

Најнови вести