Тимот што го надигра Исланд, но не победи нема да се менува, единствена дилема на Милевски е Милан Ристовски, или Адис Јаховиќ

Благоја Милевски нема да прави драстични промени во составот на Македонија што вечерва ќе игра против Романија во Скопје од 20,45 часот и можно е истите 11 што играа во Рејкјавик против Исланд пред три дена да го почнат мечот.

Единствената дилема на новиот селектор на Македонија е дали во шпицот да игра Милан Ристовски, или Адис Јаховиќ.

Тоа би значело дека на голот ќе биде Столе Димитриевски, десен бек ќе игра капитенот Стефан Ристовски, до него стоперите Дарко Велковски и Висар Мусли и лево Езџан Алиоски.

Во средниот ред ќе играат Спировски, Костадинов и Барди, на крилните позиции се очекува да почнат Елмас и Чурлинов, а во шпицот на нападот ќе биде Милан Ристовски, или Адис Јаховиќ.

Со тој состав и со Милан Ристовски како стартер Македонија го надигра Исланд и беше многу подобар ривал 75. минути во Рејкјавик, но не победи. Водевме со 2:0 со головите на Велковски и на Алиоски, но грешката на голманот Димитриевски во 78. минута и лошата реакција на одбраната во 84. минута ни одзема чиста победа.

Против Романија досега во квалификациски дуели за Светско првенство имаме пет порази на пет меча со гол-разлика 14-6 за ривалот.

Сега ни е неопходна победа за да останеме во конкуренција за едно од првите две места во Ј групата што можат да ни донесат пласман на прво Светско првенство, тоа во Катар што ќе се игра идната година.

Мечот ќе се игра вечерва на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје од 20,45 часот, а ќе го суди Шпанецот Антонио Лахоз.

- Оглас -

Најнови вести