Роналдо се чуди како Јунајтед загуби, но „тајната“ е во Солскјер

Дури седум порази од 11 одиграни средби има екипата на Манчестер јунајтед во Лигата на шампионите откако на кормилото е Оле Гунар Солскјер. Норвежанецот дојде пред три и пол години и практично тимот стои во место.

Дури и со пристигнувањето на Кристијано Роналдо и Џејдон Санчо летово, и ред други ѕвезди во последниве години, Манчестер јунајтед не успева да одигра на посакуваното ниво во ЛШ, па и во Премиер лигата.

За потсетување, минатата сезона во ЛШ Манчестер испадна од сличен ваков пораз, а тогаш противник беше турскиот тим Башакшехир.

„Бевме задоволни со овој бод, но се случи тоа што се случи. Арон немаше намера да стартува така, но нема да се бунам против судиската одлука бидејќи јасно е дека станува збор за црвен картон. Верувам дека Лингард ќе се врати уште посилен и дека ова нема да влијае врз неговата самодоверба“, изјави Солскјер по вчерашниот пораз од Јанг бојс.

Навивачите на „ѓаволите“ сè повеќе изразуваат незадоволство од предводникот и бараат да се пронајде негова соодветна замена. Под негово раководство, Манчестер сè уште нема освоено позначаен трофеј, а најблиску беше минатата сезона, кога изгуби на пенали од Вилјареал во финалето од Лигата на Европа.

Дури и Кристијано Роналдо, кој по 12 години се врати на „Олд Трафорд“, не можеше да поверува дека Манчестер загуби од Јанг бојс.

„Ова не е резултатот што го очекувавме. Сепак, треба да се фокусираме следниот меч кој следува“, порача Роналдо на „Твитер“.

- Оглас -

Најнови вести