Скопски ТФТ загуби од унгарскиот Седеак со 76-92 во меч од првото квалификациско коло во ФИБА Европа купот. За ТФТ ова беше прв меч на европска сцена, а средбата се одигра во далечниот Краснојарск, град во руската област Сибир.
Разликата која беше во полза на унгарскиот тим беше во бројот на расположени играчи. Седеак имаше шест поединци со 9 или повеќе поени, а ТФТ имаше само тројца такви. Од петте Американци во тимот на тренерот Боро Смилковски, двајца не успеаја да се запишат во листата на стрелци. Екипата на Седеак имаше 19 скока повеќе.
Кај ТФТ се истакнаа Амир Смит со 23 поени, Ландриус Хортон, кој уфрли 21, двајцата имаа и по осум скока, додека искусниот Александар Костоски беше одличен со 20 поени, седум скока и 9 асистенции.
Вечерва честа на македонската кошарка ќе ја брани Куманово, кој на турнирот во Гронинген во Холандија игра со Гмунден од Австрија.