Црвена ѕвезда се соочува со големи проблеми откако излезе со соопштение дека четворица фудбалери од првиот тим се заразени со корона-вирус. Сето ова се случува на неполни 48 часа пред мечот од Лигата на Европа против Лудогорец кој се игра во Разград.
Милан Борјан, Александар Катаи, Александар Драговиќ и Милош Дегенек се позитивни, а тие се токму главните носители на играта на тимот од Белград.
„На редовните тестирања што ги правиме, овие четворица играчи се покажаа позитивни, додека остатокот од тимот е негативен и ќе патува за Бугарија. Борјан, Катаи, Дегенек и Драговиќ се чувствуваат добро и им посакуваме брзо закрепнување“, се вели во соопштението на српскиот шампион.
Како превенција, тимот рано наутро ќе направи уште едно брзо тестирање, па ќе патува во Бугарија, каде што и таму ќе подлежи на тестови за овој вирус.
Мечот се игра во четврток од 21:00 часот на „Хувелфарма арената“ во Разград.