Стипе Вучур, Андреј Фомичов и Стелијано Филип се тројцата првотимци на хрватскиот гигант Хајдук Спилт што се најдоа на столбот на срамот и предизвикаа бес и лавина од реакции кај навивачите на сплитските „били“ пред дербито со Динамо Загреб.
Триото играчи на Хајдук играле покер полуголи, а како шлаг на журката си лепеле пршута на чело. Фотографиите кои се најдоа на социјалните мрежи од забавата покажуваат дека имало и доста алкохол само на три дена до почетокот на вечното хрватско дерби меѓу Динамо Загреб и Хајдук.
За трилингот покераши е најавена парична казна од 20 проценти од годишните примања, но не се знае дали ќе има и дополнителни санкции и дали Вучур, Фомичов и Филип ќе играат в недела, од 15 часот, против Динамо на „Максимир“.
За Хајдук игра и поранешниот македонски репрезентативец Мирко Ивановски, но тој и останатите негови соиграчи не биле во друштво на разиграната тројка покераши.