Фудбалскиот Мундијал во Катар следната година, ќе има една голема новина, ќе се применува полуавтоматско детектирање на офсајд позиција, со што на судиите ќе им биде олеснета работата и нема да се губи време со детално прегледување во ВАР собата.
Оваа нова технологија првпат ќе почне да се користи утре, на стартот на Арапскиот куп во Катар на кој ќе играат 16 тима, и тоа ќе биде добар тест.
Под покривот на стадионите ќе има камера, и податоците за следење веднаш ќе бидат извлечени од видеото и ќе бидат испратени, а пресметаната линија за офсајд и откриената точка на удар ќе му бидат обезбедени на операторот во ВАР за повторување речиси во реално време. Така, во собата за ВАР веднаш или за некоја секунда ќе добијат информација дали има офсајд во некоја спорна ситуација.
Линиите ќе се исцртуваат автоматски и тука нема да има грешки дали некој бил во недозволена позиција, но на судиите ќе има остане само да анализираат и проценат дали некој играч кој придонел за гол, имал влијание врз играта, и тука останува да одлучува човечки фактор.