Двата кошаркарски прволигаши кои се од територијата на скопската општина Центар, Работнички и Вардар, во претстојната сезона своите натпревари како домаќини, најверојатно, ќе ги играат во големата сала на СРЦ „Кале“.
Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, Работнички, нема да може да игра во дотраениот „Градски парк“, кој повеќе од четири децении е храм на кошарката. Клубот има две опции, или да се пресели на Кале, или своите мечеви како домаќин да ги игра во „Борис Трајковски“, што е многу поскапа варијанта.
За Вардар нема дилеми, од малата, се сели во големата сала во „Кале“. Проблемот со малата сала е што централната трибина е многу блиску до теренот.
Големата сала во СРЦ „Кале“ во минатото беше место каде што се играа и мечевите на репрезентацијата, бидејќи во тоа време (пред 20 години) таа беше најголема сала во Скопје, а се играа и прволигашки мечеви (неколку клуба привремено и постојано играа таму како домаќини), како и завршница од Купот на Македонија.
Но, откако салата под концесија ја доби РК Вардар, опремата за кошарка беше тргната и таму се играа ракометни мечеви.
Летово, МКФ во „Кале“ организираше дел од Европското првенство дивизија Б за играчи до 18 години, и тоа се покажа како добар потег. Ракометарите на Вардар си имаат нова сала и веќе го користат „Кале“, а тоа отвора можност кошарката да се врати на голема врата во овој објект, па не еден, туку два клуба ќе играат како домаќини во таа сала.