Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром и неговите навивачи, со право го слават 2-ри мај како историски датум, бидејќи пред точно десет години, на 2 мај 2012 година, се оствари сонот за освојување на долго очекуваната шампионска титула во мак-баскетот.
Речиси две децении МЗТ чекаше на шампионскиот пехар, се редеа разочарувањата, клубот беше за потсмев, го нарекуваа вечно втор, на Штрковите им се пееше дека „некои птици никогаш нема да полетаат“, а сето тоа веќе не важи после тој 2 мај кога Металците победија во Кавадарци против Фени индустри, и го кренаа пехарот.
МЗТ сега има осум титули, но патот го трасираше тимот предводен од тренерот Александар Тодоров, а со Чековски, Стојановски, Кочов, капитенот Грнчаров, Пенов, Штерјов, Дејвис, Далман, Вучуровиќ, Мијајловиќ, Гајдаџиев и Гечевски на теренот.
Од тогаш минаа 10 години, а прославата на првата титула се памети. Илјадници фанови се собраа да слават, на кошаркарите кои доцна во ноќта парадираа со двокатен автобус им беше приреден невиден пречек за еден шампион на домашна сцена.