Клоп и Салах во еден глас: Мане, ќе ни фалиш!

Во Ливерпул нема да им биде лесно да ја пополнат празнината која се појави со заминувањето на Садио Мане во Баерн Минхен. Црвените неколку сезони во нападот се потпираа на одличниот Сенегалец, па неговиот трансфер не е пријатен за тимот.

Менаџерот Јирген Клоп и партнерот од нападот Мохамед Салах беа најемотивни во пораките до Мане.

„Имавме убаво заедничко патешествие. Многу ти благодарам за убавите времиња и ти посакувам среќа во новата авантура. Ќе ни недостасуваш“, порача Салах, кој има договор со Ливерпул до следното лето.

Германецот Клоп беше најзаслужен што Мане во 2016 година премина од Саутхемптон во Ливерпул и тој трансфер беше полн погодок за Ливерпул. Мане на 269 меча даде 120 гола.

„Од првиот момент кога дојде, го засили тимот. Си заминува со наша благодарност и љубов. Си оди како еден од најдобрите играчи на светот. Но, не смееме да жалиме за тоа што го загубивме, треба да го славиме што бевме привилегирани да го имаме. Тој е легенда и икона на модерните времиња на Ливерпул. Ако го сакаш Ливерпул, го сакаше и Садио. Сигурен сум дека ќе продолжи да блеска. Му посакувам успех на секој меч, освен, се разбира, ако игра против нас“, рече Клоп.

- Оглас -

Најнови вести