Буфон: Ќе се повлечам од фудбалот на 55 години!

Славниот италијански голман Џанлуиџи Буфон, кој во моментов заедно со Горан Пандев е член на Парма, најави дека би можел да брани уште цела деценија. Буфон има 44 години, но не размислува за пензија, сака да брани уште барем 11 години.

„Би можел да престанам со фудбал на 55 години! Минав 10 години во Парма, па 20 во Јувентус. Веќе 10 години мислам на откажување, но секогаш продолжувам. Имам многу големо искуство кое ми помага да го разберам светот на фудбалот, но не сум сигурен дека ќе останам во фудбалот откако ќе се повлечам. Би пробал да се занимавам со нешто друго” – вели Буфон.

Буфон го коментираше и ривалството меѓу Лионел Меси и Кристијано Роналдо, но не кажа кој од нив е подобар.

„Никогаш не сум играл заедно со Меси, и не можам да одговорам. Според мене, шампионите се гледаат внатре во соблекувалната“ – изјави Буфон, според кого најдобри Италијанци со кои што играл се Баџо, Дел Пјеро, Тоти, Пирло и Касано, а најдобри странци Турам, Нејмар, Мбапе, Кристијано Роналдо и Ибрахимовиќ.

 

- Оглас -

Најнови вести