Хрватскиот првак Динамо Загреб победи со 5:1 на гости кај Славен Белупо во меч од второто коло во домашното првенство. Овој убедлив триумф е добра најава за Модрите, пред реваншот во второто квалификациско коло од Лигата на шампиони против Шкупи и тоа на гости во Скопје.
Динамо уште во втората минута прими гол од Славен Белупо, но неполни 20-тина минути подоцна, фаворитот водеше со 3:1, а во второто полувреме гостите дадоа уште два гола за висока победа.
„Добро ни дојде една ваква чиста и убедлива победа. Одморивме неколку играчи, а шанса добија оние кои помалку играат. Лошо го почнавме мечот, но дадовме пет гола, а имавме и многу други шанси. Имавме и некои грешки, но заслуга за тоа има и нерамниот терен“, рече тренерот на Динамо Анте Чачиќ, кој додаде дека екипата е подготвена за реваншот против Шкупи.
„Намам никакви дилеми пред мечот против Шкупи. Знам каде грешевме на првиот дуел и каде треба да бидеме подобри. Свесни сме дека сме подобри и верувам дека ќе поминеме понатаму“, оптимистички порача тренерот на Динамо.
По гостувањето во Белупо, фудбалерите на динамо се вратија во базата на „Максимир“, каде спиеја во клупскиот хотел. Денеска Динамо ќе одработи еден тренинг, а утре експедицијата ќе допатува во Македонија.