Реал Мадрид се подготвува за мечот во Супер купот на Европа против Ајнтрахт Франкфурт и секако за првенството на Шпанија кое започнува за две недели. По заминувањето на Лука Јовиќ и Борха Мајорал, Реал е во потрага на напаѓач кој ќе биде замена за Карим Бензема.
Неколку имиња се спомнуваа како можни нови фудбалери на Реал, а најновата опција е враќање на Раул де Томас на „Сантијаго Бернабеу“. Де Томас не доби вистинска шанса додека го носеше дресот на Кралскиот клуб, па мораше да си замине. Играше за Кордоба, Валјадолид, Рајо Вајекано, а имаше неуспешна епизода и во Бенфика. Откако од Лисабон се врати во Шпанија, потпиша за Еспањол и тогаш блесна.
За две и пол сезони во дресот на Еспањол, Де Томас одигра 89 меча во кои постигна 45 погодоци, што значи дека во просек ја тресе противничката мрежа на секој втор натпревар. Еспањол има активен договор со Де Томас и каталонците не би сакале да го пуштат за сума помала од 40 милиони евра.