Повеќе од пола век Ајакс немаше пораз со пет гола разлика и вечерва им дојде казнената експедиција од југот на Италија (Фото)

Елиф Елмас и неговите соиграчи од Наполи го растурија поранешниот европски првак Ајакс со 6:1, и тоа на негов терен во Амстердам, што е еден од најтешките порази во богатата клупска историја на Копјаниците.

Елмас играше од 64-тата минута и влезе при резултат 5:1, а во 73-тата минута зa груб старт над него беше исклучен Душан Тадиќ.

Потоа гостите постигнаа уште еден гол за конечни 1:6 на „Јохан Кројф арената“.

И некако симболично ,кога почнуваше ерата на легендарниот Јохан Кројф во Ајакс, во 1964 година, Копјаниците од Амстердам доживеаја дебакл од 9:4 против вечниот ривал Феенорд.

Оттогаш сè до вечерва ниту еден тим не успеал да го победи Ајакс со пет или повеќе голови разлика во период од 58 години.

Џакомо Распадори со два гола и една асистенција беше главниот креатор на убедливата победа на Наполи и прв пораз на Ајакс со пет гола разлика по 58 години.

По еден погодок постигнаа Џовани ди Лоренцо, Пјотр Зјелински, Квича Кварацхелија и Џовани Симеоне.

Единствениот погодок за Ајакс го даде Мохамед Кудус и со него Ајакс поведе во деветтата минута.

Во следното четврто коло во Лигата на шампионите, Наполи и Ајакс повторно ќе бидат ривали, овојпат на „Диего Армандо Марадона“ во Неапол на 12 октомври.

На тој меч нема да игра капитенот на Ајакс, Душан Тадиќ, а ако Наполи победи или одигра нерешено, веќе по четири кола ќе си обезбеди настап во нокаут-фазата во Лигата на шампионите.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести