Рајо Валјекано направи уникатен подвиг сезонава и прв го победи Реал Мадрид во Ла Лига вечерва со 3:2, во извонреден меч со два пресврти и многу возбудувања.
Домаќините водеа со голот на Комесања во петтата минута, па губеа со 1:2, откако погодија Модриќ од пенал и Милитао само за четири минути во финишот на првиот дел, потоа Рајо се радуваше на победа со головите на Гарсија и на Трехо од пенал.
Првиот пораз на Кралскиот клуб во новата сезона во шпанското првенство посебно ќе го памети Бразилецот Винисиус јуниор, кој не даде гол, а доби дупла заушка во еден дуел со Иван Балиу.
Албанскиот репрезентативец на чуден начин со двете раце одзади го удри Винисиус во лицето, потег што ќе ве насмее, но можеше и посериозно да го повреди играчот на Реал Мадрид.
За Рајо цел меч бранеше Столе Димитриевски, а клубот од Мадрид има импресивна серија против шпанските гиганти во оваа сезона.
Само во 13 кола ги победија Реал Мадрид, Валенсија и Севилја, а ремизираа со Барселона и Атлетико Мадрид, односно освоија 11 од можните 15 бода против екипи што заедно имаат дури 79 титули во Шпанија.