Капело: Ова е крајот на „тика-така“ фудбалот и играњето со лажна деветка

Елиминацијата на Шпанија во осминафиналето на Светското првенство во Катар од Мароко и денешното заминување на Луис Енрике од селекторската функција е крај на „тика-така“ фудбалот и играњето со лажна деветка, што го форсираше Црвената Фурија, смета легендарниот италијански тренер Фабио Капело.

Шпанија во осминафиналето загуби од Мароко во пенал рулетот иако имаше 77 отсто посед на топката.

„Шпанија покажа дека повеќе нема „тика-тика“ и играње со лажна деветка. Тоа е формула која може да помине само во одредени ситуации и во неколку натпревари, но не може да помине како систем. Играњето со вистински и централен напаѓач е клучно“, смета Капело.

Шпанија на Мундијалот во Катар оствари само една победа, над Костарика со 7:0, ремизира со Германија (1:1) и загуби од Јапонија (2:1) во групната фаза, за во осминафиналето да загуби од Мароко.

Во сите натпревари, Шпанија доминираше во поседот на топката, но беше ефикасна само на првиот натпревар кога постигна седум гола, додека на остатите три средби упати само седум шутеви во рамките на голот на противниците.

„Кога поседот на топката не ја следи брзината, тогаш играта станува непродуктивна. Фудбалот и стилот што ги форсира Гвардиола еволуираа за десет години, а не треба да се заборави дека тогаш Барселона ги имаше Меси и Иниеста во нивните најдобри години“, додава Капело.

- Оглас -

Најнови вести