Петровиќ: Со ваква игра тешко дека ќе опстанеме во една од најсилните лиги во Европа

Кошаркарите на МЗТ Скопје доживеаја болен пораз од Борац Чачак од 73:81 и паднаа на претпоследното 13-то место на табелата во АБА лигата по само десет одиграни натпревари и до крајот им престои тешка борба за опстанок во регионалното натпреварување.

Денешниот пораз е болен за Металците бидејќи доаѓа од директен конкурент за опстанок во лигата и тренерот Александар Петровиќ е свесен за предизвикот што претстои пред него и неговите играчи до крајот на регуларниот дел од сезоната.

„Од првата минута го бркавме резултатот, се чувствува дека недостига уште еден плејмејкер со чија помош се ќе беше поинаку. Тоа не е алиби, ова беше долга недела со големи проблеми, не можам да им замерам на моите играчи за залагањето. Има уште многу да се игра, но секој натпревар е важен за нас.

Не смееме да си дозволиме вакви порази на домашен терен, мораме да продолжиме да работиме и на наредните три натпревари, со Задар, Сплит и со Цибона да се реваншираме за овој пораз. Жал ми е за публиката, но бевме и натскокани, не ни функционираше ниту шутот од далечина. Одиме понатаму, веројатно в понеделник ќе добиеме нов плејмејкер. Потребни ни се засилувања, тоа не е спорно. Ова е една од најсилните лиги во Европа, и ако остане вака ќе ни биде тешко. “, изјави Петровиќ.

- Оглас -

Најнови вести