Нов удар за Португалецот: Јунајтед го нудел Роналдо на позајмица и ќе плаќал дури 83 отсто од неговата плата, но никој не го сакал

Португалскиот репрезентативец Кристијано Роналдо имаше неславен крај на Светското првенство, неговата селекција беше елиминирана од Мароко, тој средбата ја започна од клупата за резервни играчи, а денеска му дојде нов удар и тоа од поранешниот тим Манчестер јунајтед.

Роналдо и Манчестер јунајтед го раскинаа договорот непосредно пред почетокот на Мундијалот во Катар, а англиските медиуми откриваат дека Црвените ѓаволи го нуделе Португалецот на разни европски клубови на позајмица, но никој не го сакал.

Новиот менаџер на Јунајтед, Ерик тен Хаг, се обидуваше да се отараси од Роналдо бидејќи не се вклопуваше во неговиот систем на игра, и управата го понуди Роналдо на разни екипи, и згора на тоа се обврза да плаќа дури 83 отсто од неговата плата, која изнесува 450.000 фунти неделно, но ниту една екипа не ја прифатила понудата.

Желбата на Роналдо била кариерата да ја продолжи во екипа што ќе игра во Лигата на шампионите, но немало заинтересирани.

Дури два фудбалски гиганти, Баерн Минхен и ПСЖ, јавно објавија дека немаат намера да го донесат Роналдо во своите редови.

Минатата недела се појави информација дека Роналдо се договорил да потпише две и пол годишен договор со саудискиот тим Ал-Наср за годишна плата од 200 милиони долари, но самиот фудбалер ги демантира овие вести и порача дека за својата иднина ќе зборува по завршување на Светското првенство.

- Оглас -

Најнови вести