Франција се подготвува за утрешен хаос поради дуелот со Мароко, мобилизира 10.000 полицајци

Околу 10.000 полицајци и жандарми, од кои 5.000 во Париз и околината, утре ќе бидат распоредени во француските градови за време на второто полуфинале на Светското првенство меѓу Франција и Мароко, најави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин.

„Ќе бидат мобилизирани 10.000 полицајци и жандарми, од кои 5.000 во областа на Париз, особено околу авенијата Шанзелизе“, рече Дарманин.

Министерот порача дека најпознатата авенија во Париз нема да биде затворена за сообраќај, но додаде дека ќе бидат затворени некои пристапи до автопатот околу главниот град, како и железничките станици на периферијата на Париз.

На локалните власти во париските квартови им било наредено да ги отстранат контејнерите за ѓубре, оградите околу градилиштата и сите метални предмети што би можеле да се употребат во случај на нереди.

Планирани се и операции за проверка на подрумите и таваните на некои згради во кои постои сомневање дека се кријат пиротехнички средства.

Минатата сабота околу 20.000 луѓе се собраа во Париз за да го прослават пласманот на Мароко, потоа на Франција во полуфиналето. Во Франција живее голема мароканска заедница, а во Мароко има околу 54.000 Французи.

- Оглас -

Најнови вести