УЕФА се наоѓа пред победа над Суперлигата, се чека само конечната пресуда од Европскиот суд на правдата

Главниот адвокат на Европскиот суд на правдата оцени дека Европската фудбалска федерација (УЕФА) имала право да им се закани на клубовите со санкции откако 12 европски гиганти ја формираа европската Суперлига.

Адвокатот Атанасиос Рантос денеска јавно го изнесе својот став по прашањето дали формирањето нови клупски натпреварувања е еден вид монополско однесување и дали ги крши законите на Европската Унија и ѝ зададе удар на Суперлигата.

„Правилата на фудбалските тела УЕФА и ФИФА, кои им даваат право да ги блокираат клубовите да се приклучат во новата лига и да ги казнуваат играчите кои го прават тоа, се компатибилни со антимонополските закони на Европската Унија (ЕУ). Правилата на ФИФА и УЕФА, според кои секое ново натпреварување е предмет на претходно одобрување, се компатибилни со правото на ЕУ за конкурентност“, рече денеска главниот адвокат на највисокиот европски суд, Атанасиос Рантос.

Минатата година, 12 фудбалски тима (Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Милан, Интер, Јувентус, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Арсенал, Челзи, Ливерпул и Тотенхем) формираа европска Суперлига, но само по 48 часа под притисок на навивачите, владите и УЕФА, девет тима се откажаа од проектот.

Верни на Суперлигата ѝ останаа само Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, кои поднесоа тужба до Европскиот суд на правдата, но по тврдењето на Рантос, сосема сигурно е дека тие ќе го загубат спорот. Конечната одлука на судот се очекува да биде донесена идната година и таа најчесто ги следи заклучоците на независниот адвокат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести