Фановите на Реал Мадрид вечерва со голем аплауз во 20-тата минута ќе му дадат поддршка на Винисиус жуниор по морбидните закани 

Навивачите на Реал Мадрид во 20-тата минута од четвртфиналниот натпревар во шпанскиот Кралски куп против Атлетико Мадрид со голем аплауз ќе му дадат поддршка на Винисиус жуниор како одговор на заканите кои ги доби од гостинските навивачи.

Имено, навивачите на Атлетико Мадрид минатата вечер во близина на тренинг-кампот на Реал Мадрид, на мост обесија кукла која го претставува Винисиус жуниор и истакнаа транспарент на кој пишуваше „Мадрид го мрази Реал“.

Бразилецот сезонава често е цел на навивачите на неколку шпански екипи, но и на противничките фудбалери поради неговата прослава на головите. Имено, тој редовно танцува кога ќе постигне гол, но тоа не им се допаѓа ниту на противничките фудбалери, ниту на навивачите и често е навредуван на расна основа.

Тој е цел и на фудбалерите на Атлетико, чиј капитен Коке пред нивниот последен меч му порача дека „ќе има проблеми ако постигне гол и потоа танцува“.
Поради морбидните закани, вечерва навивачите на Реал Мадрид во 20-тата минута со голем аплауз ќе му дадат поддршка на својот фудбалер.

Пред натпреварот, управата на Атлетико Мадрид официјално се извини за потегот на нивните навивачи.

- Оглас -

Најнови вести