Еден од најдобрите светски голмани во 21 век, Џанлуиџи Буфон, призна дека погрешил што се вратил од Пари Сен Жермен во Јувентус и со тоа се откажал од 10 милиони евра.
Популарниот Џиџи, кој има 45 години и брани за италијанскиот второлигаш Парма, рече дека уживал во престојот во Париз во сезоната 2018/2019, но не останал таму затоа што не сакал да му биде резерва на Алфонс Ареола.
„Најубаво искуство во животот, се чувствував ако слободен човек. Научив француски, разговарав со луѓе на улица, посетував музеи, играв за тим со неверојатен квалитет. Бев убеден дека ќе ја освоиме Лигата на шампионите, на гости кај Манчестер јунајтед доминиравме, а дома на реваншот во осминафиналето загубивме и испаднавме, тоа ми е најголемо разочарување во кариерата. Заминувањето од ПСЖ ми е најголема грешка, се откажав од 10 милиони. Ми рекоа дека Ареола ќе брани во ЛШ, а јас не прифатив, ова е спорт, треба да брани тој што заслужува. Се вратив во Јуве, но потоа зажалив затоа што Ареола се повреди. Децата уште ме прашуваат зошто си заминавме од Париз“, раскажува Буфон.