Билети од 6.000 фунти за последниот меч на Ливерпул на „Енфилд“

Ливерпул ќе го игра последниот натпревар од Премиер лигата сезонава на домашен терен, на „Енфилд“ ќе гостува Вулверхемтон во рамките од 38-то коло, а на „црниот пазар“ уште сега се продаваат билети за тој натпревар. Шпанска веб-страница која се занимава со продажба на билети за фудбалски мечеви livefootballtikets.com, продава билети за овој дуел за сума до 6.000 фунти.

Многумина сметаат дека ова е сезоната во која Ливерпул конечно ќе ја освои титулата во Премиер лигата по дведецениски пост, а „црниот пазар“ сака да ја искористи оваа еуфорија и „дебело“ да заработи. Доколку „црвените“ останат на лидерската позиција до последниот овосезонски меч, токму во нивниот фудбалски „храм“ ќе се слави шампионската титула.

Иако просечната цена на еден билет за возрасни на „Енфилд“ чини од 37 до 56 фунти во зависност од трибините, сепак Ливерпул нема контрола врз цените кои ги нуди шпанската веб-страница.

Ливерпул засега има четири бода предност во однос на Манчестер сити, веќе подолго време го држи врвот, а по 23 меча освои вкупно 60 бода. Фудбалерите на Јирген Клоп утре го пречекуваат Лестер во рамките од 24-тото коло, а со евентуална победа, ќе бидат поблиску до посакуваниот трофеј.

- Оглас -

Најнови вести