Фудбалскиот клуб Ливерпул се согласи пред утрешниот меч против Брентфорд на стадионот „Енфилд“ да се интонира британската химна во чест на Чарлс Трети, кој утре ќе биде крунисан во крал.
И на другите премиерлигашки мечеви ќе се интонира химната со новата верзија „Боже чувај го кралот“, но случајот со Ливерпул е специфичен и тешко може да го разберат луѓе кои не живеат во тој град.
Од клубот велат дека го прифатиле барањето на Премиер лигата иако знаат дека некои нивни навивачи имаат цврст став по ова прашање. Во мај минатата година, пред финалето на ФА купот, навивачи на Црвените ја исвиркаа химната, а Јирген Клоп рече дека не го поддржува таквиот потег, но додаде дека тие имаат причина зошто го прават тоа.
Проблем со химната имаат и фановите на Евертон, клуб кој исто така е од Ливерпул. Сите Мерсисајдци не се сметаат дел од Велика Британија и со децении имаат негативен став кон властите во Лондон, па револтот го изразуваат и преку негирање на химната.