Управата на саудискиот тим Ал-Наср се обидува да пронајде звучно тренерско име кое би требало да ја води екипата во новата сезона и изборот паднал на човекот кој го создаде Килијан Мбапе.
Француските медиуми пишуваат дека прв избор на Ал-Наср е поранешниот тренер на Монако, Леонардо Жардим.
Леонардо Жардим во 2017 година, со Монако успеа по пауза од 17 години да ја освои титулата во Лига 1 и тоа е неговиот најголем резултатски успех во тренерската кариера.
Француските медиуми немаат дилеми дека тој го „создаде“ Килијан Мбапе, а за четири години колку што седеше на клупата на тимот од Монте Карло, во клупската каса од продажба на фудбалери, успеа да донесе неверојатни 870 милиони евра.
Жардим е актуелен тренер на Шабаб ал Ахли, шампионот на Обединетите Арапски Емирати, а во минатото има седено на клупата на најголемиот ривал на Ал-Наср, градскиот ривал Ал Хилал.
Ал-Наср во јануари го ангажира Кристијано Роналдо за неверојатни 200 милиони евра по сезона, но Португалецот не успеа да ја донесе титулата, која заврши во витрините на ривалот Ал Хилал.