Англискиот премиерлигаш Ливерпул во летниот преоден рок ќе биде доста активен, а веќе капарисал две засилувања за кои ќе плати 140 милиони евра, пишуваат англиските медиуми.
Откако Ливерпул минатото лето го преспа преодниот рок, тоа му се одби од глава бидејќи шансите да освои едно од првите четири места на табелата се мали. Овојпат Јирген Клоп успеа да ја убеди управата на Црвените да не штеди и желбата ќе му биде исполнета.
Англиските медиуми шпекулираат дека трансферот на аргентинскиот репрезентативец Алексис Мекалистер од Брајтон е завршена работа. Ливерпул ќе му плати на Брајтон 80 милиони евра отштета, а Мекалистер наводно веќе ги договорил личните услови со Црвените.
И второто засилување се очекува да биде Јужноамериканец, Мануел Угарте, кој настапува за Спортинг Лисабон. Откупната клаузула за Угарте изнесува 60 милиони евра и според медиумите, таа нема да претставува проблем за Ливерпул, кој со уругвајскиот репрезентативец ќе го освежи средниот ред во тимот.
Заминувањето на Угарте од Спортинг го најави и неговиот агент.
Има многу шпекулации, а Ливерпул не е единствен заинтересиран тим. Имаме повеќе понуди и повеќе од извесно е дека Мануел ќе замине од Лисабон. Мислам дека сè може да биде решено во следните 15 дена“, изјави агентот на Угарте за португалските медиуми.