Инзаги пред финалето на ЛШ: „Гвардиола е најдобриот тренер, а Сити најдобриот клуб на светот“

Екипата на Манчестер сити откако ги освои Премиер лигата и ФА купот, сега е на чекор од освојувањето на тројната круна, но за тоа потребна им е победа над Интер во финалето на Лигата на шампионите. На другата страна, Интер го освои само Купот на Италија и важи за аутсајдер во пресметката со Граѓаните.

„Севкупно гледано, ова е најважниот момент во мојата кариера. Ги собираме плодовите за целиот наш труд во текот на целата година. Нè чека полн стадион, со многу турски навивачи кои ќе бидат поделени помеѓу Чалханоглу и Гундоган. Не сум добар со процентите и проценката кој е фаворит, но ќе играме против најдобрата екипа на светот, која ја освои Премиер лигата петпати во последните шест години, а таа лига е најквалитетна на светот“, вели Инзаги.

Тренерот на Интер има само пофални зборови за Пеп Гвардиола.

„Ако сакаме да победиме, ќе мора да одиграме на највиско ниво како екипа бидејќи пред себе ќе го имаме најквалитетниот противник на чело со одличниот тренер кој го обележа модерниот фудбал. Секогаш сум говорел дека тој (н.з. Гвардиола) е најдобриот тренер на светот“ изјави Инзаги.

- Оглас -

Најнови вести