Тренерот на македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, смета дека и ракометарите и навивачите треба да уживаат во натпреварите во Лигата на шампионите.
Битолчаните на денешната ждрепка ги дознаа противниците, тие се во групата А заедно со Кјелце, Кил, ПСЖ, Пик Сегег, Алборг, Колштад и ППД Загреб.
„Ни претстои сезона во која треба да уживаме и гордо и достоинствено да ги претставиме клубот, Битола и Македонија во европската елита. Ние сме во фаза на градење на екипата која ќе игра во Лигата на шампионите и прва мисија ни е да изградиме компетитивен тим. Убеден сум дека со страст, борбеност и квалитет скапо ќе ја продадеме кожата и достоинствено ќе се претставиме“, вели тренерот на битолчани, Александар Јовиќ.