Италијанскиот тенисер Матео Беретини се пласира во осминафиналето на Вимблдон каде го очекува пресметка со првиот носител Карлос Алкарас.
Речиси сите го отпишаа Италијанецот на Вимблдон поради очајните игри годинава, на Австралија опен испадна во првото коло, на Мастерсите во Индијан Велс, Мајами испадна на стартот, во Монте Карло се повреди, но Беретини покажа зошто беше шести тенисер на светот и пред две години играше во финалето на неговиот омилен гренслем-турнир.
Тој во третото коло со 6:3,7:6,7:6 го елиминира Александер Зверев и си закажа осминафинална пресметка со Шпанецот Алкарас. Во првиот сет му беше доволен еден брејк, во осмиот гем за да слави со 6:3. Во вториот сет, и двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис, не дозволија ниту една шанса за брејк и го однесоа сетот во тај-брејкот.
Во него, повторно еден мини-брејк беше доволен, и него повторно го направи Беретини за водство од 2-0 во сетови. И во третиот сет Беретини беше подобар, повторно во тај-брејкот, и тоа искористувајќи на третата меч топка.
Кај дамите, сигурен настап имаат Моника Кис и бранителката на титулата, Елена Рибикина, кои славеа во два сета против Костјук, односно Боултер.
Минатогодинешната финалистка Онс Жабер, со пресврт славеше над Канаѓанка Бјанка Андреску. Првиот сет и припадна на Андреску со 3:6, а во следните два беше подобра Жабер и тоа со 6:3 и 6:4.