Македонија игра за титулата на ЕП Б-дивизија, а ривал е селекцијата на која треба да и се реваншираме

Македонската кошаркарска репрезентација за играчи до 20 години успеа да избори место во А-дивизијата, откако успеа да се пласира во финалето на Европското првенство во Б-дивизијата. Оваа У20 селекција на Македонија за прв пат по 16 години се  враќа на главната сцена, што значи дека мисијата е остварена.

Сепак, вечерва од 21 часот во СРЦ „Борис Трајковски“ следува последниот предизвик за оваа генерација на ЕП Б-дивизија. Македонија ќе игра во финалето и тоа против Чешка.

Чешка е селекцијата против која Македонија стартуваше на овој турнир и тоа со пораз. На тој меч, Македонија водеше со 15 разлика, но на крајот Чешка победи со 80:75, што значи дека денешнто финале ќе биде и можност за реванш за тој пораз на стартот од ЕП.

Чешка на овој турнир загуби само од Бугарија и тоа по продолжение, додека ние ги прегазивме Бугарите со 29 разлика. Финалето има посебен мотив и останува вечерва да видиме дали овие млади момци имаат шампионски дух во себе.

„Со победата над Украина влеговме во А-дивизијата, но тука не застануваме, одиме по пехарот.. Се надевам дека тој ќе заврши таму каде што припаѓа. Ја повикувам цела нација, сите да дојдат да нè поддржат. Македонија има генерации и генерации фантастични кошаркари. Треба да продолжиме по истиот пат… Верувам дека ќе бидеме достојни наследници на Перо Антиќ, Војдан и Дамјан Стојановски“ – вели амар Хот кој е еден од предводниците на оваа генерација.

Тој верува дека тимската игра на Македонија ќе биде исклучителен фактор и во последниот натпревар на првенството.

„Клучот за нашите победи е нашата тимската игра, нашата тимската хемија, нашиот стручниот штаб. Работевме напорно цел месец, и мислам дека апсолутно го заслуживме ова. Ќе играме во финалето најдобро што знаеме и умееме. Да, многу ќе ни недостасува Андреј Митревски, но оние кои ќе играат, ветувам, ќе го остават срцето на теренот“ – порачува Хот пред финалето со Чешка.

- Оглас -

Најнови вести