Младинците успеаја да загубат натпревар на кој имаа водство од +15 (Видео)

Репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 20 години имаше лош почеток на Европското првенство од “Б“ дивизијата кое денес започна во Скопје. Младинците загубија од Чешка со 75-80 во натпревар во кој имавме водство повеќе од 30 минути.

На двапати водевме и со +15, во првата четвртина со 17-2 и 22-7. Таа предност во третиот период беше +11, односно 60-49, но тука како да застанавме, а репрезентативците на Чешка полека но сигурно ја стопија таа наша предност.

Гостите од Чешка во водство првпат на натпреварот дојдоа во последната четвртина кога имаа водство од 66-64 и до крајот успеаја да дојдат и до +8, односно 79-71, водство кое на крајот се покажа како доволно за победа.

Андреј Митревски со 18 поени беше најефикасен во нашата репрезентација, додека Теодор Симиќ постигма 14 поени. Најпрецизен на паркетот беше кошаркарот на Чешка, Радован Мразек со 29 поени.

Македонија на Европското првенство “Б“ дивизија во Скопје е во групата А, а освен денешниот противник, ќе играме и против Бугарија, Ирска и Словачка.

Целта на нашата репрезентација е едно од првите три позиции на првенство кое носи промоција во дивизијата “А“.

- Оглас -

Најнови вести